Васоски командува, Вардар беспрекорно маршира кон титула

Беспарицата и многуте проблеми во клубот, вардарци на импресивен начин ги потиснаа во заден план и играат извонредно во домашното првенство.

Со новата победа против Академија Пандев, најтрофејните стасаа до неверојатни 7 бодови предност, што е главна карактеристика на првата четвртина во нашата Прва Лига.

Денеска со дуелите од деветтото коло заврши првиот од четирите круга во ПМФЛ, а вардарци се се уште без пораз и со освоени 23 бодови.

„Задоволни сме и од денешниот настап со Академија Пандев и воопшто од игрите што ги прикажавме во првата фаза од домашното првенство. Дадовме голови на време, но и бевме подобри од противникот. Но, сега не смееме да се залажуваме дека титулата е наша. Има уште доста време, ќе се играат уште многу натптревари на кои треба да одиграме како досега. Останува жал за купот, но мораме да гледаме напред и да продолжиме со ова темпо во првенството. Морам да ги пофалам играчите, кои одговорија на сите предизвици и покрај проблемите. Тие се најзаслужни за предноста од 7 бода. Ни годи, но не се опуштаме“, вели Васоски за СПОРТ МАНИЈА.

Популарниот Тетовче дебитира како тренер во Првата лига и засега извонредно одговори на предизвикот. Неговата специјалност од играчките денови, дефанзивата, беспрекорно фукнционира кај Вардар. Најтрофејниот клуб има примено само 4 голови на девет дуели, што е одличен просек, под 0,5 примени погодоци на меч.

„Одлично ни функционираше и одбраната, но без помош на сите играчи тоа е невозможно. Функциониравме како прецизен часовник во сите сегменти и само посакувам така да продолжиме. Следен ривал ни е Шкендија, мечот е многу важен, но не и клучен за титулата. Ние нема да си наметнуваме непотребни императиви и ќе играме како и досега, сигурно, смирено, ефикасно и прецизно. Имаме одлична предност, ќе се обидеме со добри игри да ја задржиме и ако можеме и да ја зголемиме“, додава Васоски.

Сега следи пауза со настапи на репрезентацијата во Лигата на Нации, а првенството продолжува на 21. октомври со ново дерби за Вардар против Шкендија.

- Оглас -

Најнови вести