Денес се игра најскапиот меч во историјата на фудбалот!

По повеќе од девет месеци возбудувања во европските купови, во следните неколку денови ќе ги дознаеме шампионите во Лигата на Европа и Лигата на шампиони. Според календарот на УЕФА, финалето во ЛЕ е в среда, во Баку, а ќе играат лондонските ривали Арсенал и Челзи. За в сабота е закажано финалето во ЛШ каде Ливерпул и Тотенхем ќе решат кој клуб ќе биде на европскиот трон во следните 12 месеци.

Во недела во која има две вакви финалиња, малку кој знае дека денеска се игра најскапиот меч во историјата на фудбалот. Се работи за финалето во плејофот за влез во Премиер лигата. Фудбалерите на Астон вила и Дерби каунти ќе истрчаат денес во 16 часот на „Вембли“, а влогот е огромен. Влез во елитната англиска лига.

Многумина се прашуваат како може овој меч да биде најскап во историјата на фудбалот? Престижната компанија „Делоит“ пресметала дека клубот кој ќе влезе во Премиер лигата, ќе заработи најмалку 170 милиони фунти. Токму така, тоа е сумата која е како влог за денешниот дуел на „Вембли“.

Со самата победа и влезот во Премиер лигата за сезоната 2019/20, клубот ќе има загарантирано 95 милиони фунти. Дури и по една сезона учество, потоа да испадне од елитата, на тој клуб ќе му бидат загарантирани 75 милиони фунти за следните две сезони.

Ако клубот кој ќе успее да остане во Премиер лигата и уште една сезона, автоматски заработката ќе скокне до 300 милиони фунти. Поради овие бројки, факт е дека денешниот дуел од плејофот за пласман во Премиер лигата е најскапиот меч во историјата на фудбалот.

Колку за споредба, минатото финале во плејофот за пласман во Премиер лигата беше меѓу Фулам и Астон вила, а тој меч имаше вредност од 160 милиони фунти, што значи дека оваа година, финалето е повредно за 10 милиони фунти.

- Оглас -

Најнови вести