„Вечно втората“ конечно победи во слалом

Словачката скијачка Петра В`лхова е победничка на вечерашниот слалом кој се возеше во австрискиот Флахау. Ова беше шести слалом сезонава во Светскиот куп и прва победа за В`лхова, која на претходните пет трки во оваа дисциплина секогаш беше втора зад Микаела Шифрин, која вечерва загуби и не го криеше разочарувањето.

Овојпат си ги заменија местата, В`лхова беше одлична во финишот на второто возење и конечно дојде до победа против Американката која имаше 12 победи на претходните 13 слаломи. Словачката ја совлада Шифрин и во велеслалом сезонава, но да се порази Шифрин во слалом, е голем успех. За триумфот во Флахау, В`лхова ќе заработи 70.000 евра.

Третото место го освои Швеѓанката Ања Свен Ларсон, која беше втора по првото возење, но и таа не можеше да го надмине резултатот на В`лхова. Австријките за малку останаа без подиум, нивниот адут Катарина Линзбергер беше четврта.

Во генералниот пласман, Шифрин има 1.214 бода, пред В`лхова со 748, додека трета е Венди Холденер со 514.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести