Вестбрук направи трипл-дабл каков што не беше виден во историјата на НБА

Расел Вестбрук беше главна ѕвезда на вечерта во НБА-лигата бидејќи на дуелот помеѓу Вашингтон визардс и Индијана пејсерс, направи трипл-дабл каков што не е забележан во историјата. Вашингтон победи со 133-124, а Вестбрук имаше 35 поени, личен сезонски рекорд од 21 асистенција и 14 скока.

Со тоа првпат во историјата на НБА е направен трипл-дабл со барем 35 поени и 20 асистенции. Иако ова му беше само 38-ми меч во дресот на Волшебниците, Вестбрук веќе стана клупски рекордер по број на направени трипл-дабл, ги има 16. Стариот рекорд од 15 трипл-дабли за Вашингтон го држеше Дерел Вокер, кому му требаа 283 меча за тоа достигнување. Вестбрук е втор на вечната листа во НБА по бројот на направени трипл-дабли, има само 19 помалку од рекордерот Оскар Робертсон.

Трипл-дабл направи и Џејмс Харден, во победата на Бруклин над Минесота од 112-107. Стеф Кари се врати по отсуството од пет меча и со 32 поени придонесе за победата на Голден стејт против Чикаго. Булс има 0-2 откако го донесоа Никола Вучевиќ. ЛА клиперс и без неколку ѕвезди во составот, благодарение на 19-те тројки славеше против Милвоки и сега врза шест победи едноподруго, а шест победи по ред има и Јута, по триумфот над Кливленд од 114-75.

- Оглас -

Најнови вести