Ветување од претседателски кандидат на Бешикташ: Ќе го донесам Бејл!

На 12-ти мај во турскиот клуб Бешикташ ќе се одржат претседателски избори, а кандидатот Хурсер Текиноктај обелодени дека се договорил со Џон Тошак да биде спортски директор на клубот, а Велшанецот ќе обезбеди трансфер на Герет Бејл во истанбулските „црно-бели“.

„Бејл не е задоволен во Реал Мадрид и за добра цена, ние би го донеле во Бешикташ. Тошак е учител на Бејл во Велс и пред два и пол месеци му вети дека ќе го убеди да потпише за нас. Тренер на екипата ќе биде Турчин, но не е коректно сега да го кажам името“, изјави Текиноктај.

Противкандидат на Текиноктај ќе му биде Фикрет Орман. Дали ова ветување за купување на ѕвездата на Реал Мадрид ќе биде доволно за Текиноктај да ја преземе функцијата, останува да се види.

Пред 20 години, бизнисменот Флорентино Перес, кој тогаш не беше познат во Европа, вети дека ако стане прв човек на Реал, ќе го купи тогашниот капитен на Барселона, Луис Фиго, што и се случи и со тој трансфер стекна слава, па и Текиноктај би можелo да направи нешто слично ако го донесе  Бејл во Турција.

- Оглас -

Најнови вести