Викендов ќе има едно, ама вредно дерби

Стадионот „Енфилд роуд“ во Ливерпул ќе биде во центарот на фудбалска Европа за овој викенд. „Црвените“ на свој терен ќе го пречекаат актуелниот англиски првак Манчестер сити, во дербито на Премиер лигата. Ова ќе биде меч на двете првопласирани екипи на табелата. Двете екипи досега освоија по 19 бодови, што значи дека евентуалниот победник ќе избега како осамен на врвот.

Ливерпул и Сити ги имаат најдобрите одбрани во лигата. На шест меча примија само по три гола. „Граѓаните“ се поефикасни и имаат 21 погодок, а Ливерпул дал 15 гола, но и тука се работи за двете најефикасни екипи. Останатите клубови од топ 6 во Премиер лигата треба да имаат полесна задача.

Тотенхем е домаќин на Кардиф, а Манчестер јунајтед конечно би требало да се израдува на „Олд Трафорд“ против Њукасл. Лондонските Челзи и Арсенал гостуваат. Челзи игра против Саутемптон, а во градскиот дуел, „топчиите“ се кај Фулам.

Во италијанската Серија А, Јувентус гостува кај Удинезе, Рома кај Емполи, а Интер против СПАЛ. Домашна задача треба да завршат Милан против последнопласираниот Киево, а Наполи против Сасуоло.

Баерн Минхен три меча во низа не знае за победа (реми и пораз во Бундеслига и реми во ЛШ), а утре на „Алијанц арена“ игра против Борусија Менхенгладбах. Тоа е тим кој има само еден пораз сезонава и сигурно ќе му даде достоен отпор на шампионот.

Реал Мадрид и Барселона ќе гостуваат, а Атлетико игра на свој терен во шпанската Примера дивисион. Барселона ќе има најтешка задача кај Валенсија, додека Кралскиот клуб треба полесно да стигне до трите бода против Алавес. Атлетико Мадрид е фаворит против Бетис.

Пари Сен Жермен во Франција ќе оди на деветтата победа во деветтиот меч против Лион. Да не беше толку голема разликата меѓу „светците“ и останатите екипи, ова ќе беше дерби во Франција.

 

 

- Оглас -

Најнови вести