Виктор тренира Лавови, под негова капа се 60-тина талентирани голмани, хуманитарниот тикет му е за мерак

Виктор Ивановиќ, актуелниот тренер на голманите на клубот Македонија Ѓорче Петров и еден од основачите на „Академија Ивановиќ“, која е школа за голмани, прифати да се придружи на хуманитарната акција на Sport Life, со тикет за кој верува дека ќе биде добитен и парите од евентуалната добивка ќе завршат каде што се потребни.

Виктор доста млад ја заврши кариерата како голман, но не направи грешка, бидејќи одлично се снаоѓа во пренесување на знаењето на помладите чувари на мрежата.

„Кариерата ја започнав во мојот матичен клуб Македонија Ѓорче Петров кога имав 12-13 години, ги поминав сите возрасни категории во клубот, со кадетите бевме и шампиони на Македонија, па кратко бев и во првиот тим кога игравме во втора и трета лига. Потоа бев дел од Кожуф, Локомотива, Дрита и така ја завршив кариерата. Рано завршив, на 24-25 години, но по иницијатива на мојот брат Филип, кој исто така е тренер на голмани, во ФК Работнички, решивме да отвориме академија за голмани, која се вика Академија Ивановиќ. Постоиме повеќе од седум години на пазарот, мислам дека тераме успешна приказна. Во моментов имаме над 60 голмани кои ја посетуваат школата. Нè посетуваат, со нас тренираат и Ристе Јанков, Игор Алексовски, Андреј Ефремов, Кристијан Стевковски, Стефан Јакимовски, Васе Василев, кој е дел од младинската школа на Црвена ѕвезда. Имаме и девојки кои се репрезентативки, задоволни сме“, објаснува Виктор.

Академија Ивановиќ не е прва голманска школа во Македонија, но прва и најголема според масовноста. Организирале и голмански камп во Охрид, а во нивните редови тренираат млади голмани. Најмладите се родени 2014 година, а најстарите се родени 1999 година.

МАКЕДОНИЈА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ИМА АМБИЦИЈА ДА БИДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ ТРИ

Што се однесува до ангажманот кај Лавовите, Виктор вели дека се нафатил бидејќи клубот има сериозни амбиции.

„Мислам дека Македонија Ѓорче Петров во моментов ги има едни од најдобрите услови, имаат зацртано сериозен проект, кој полека се остварува. Затоа и веднаш го прифатив повикот, и како дете на клубот, ми беше мило. Сезонава желба ни е излез во Европа, на добар пат сме. Мора да го пофалам шефот на стручниот штаб, Муки Бајрами, заедно со Тони Џангаровски, Перо кондицискиот тренер, имаме спој на искуство и младост, во полуфинале сме на Купот, и се надеваме на првите три места на табелата“, вели Ивановиќ.

ОМИЛЕН ГОЛМАН МУ Е ОБЛАК, СО КОГО ИМАЛ И 15-МИНУТЕН РАЗГОВОР

Човекот кој ги тренира голманите на Лавовите од Ѓорче, имал и чест да се запознае со Јан Облак, па тој му е омилен чувар на мрежа.

„Следам меѓународен фудбал, дури и премногу. Секогаш кога сум дома, гледам фудбал. Од дете навивам за Јувентус и Црвена ѕвезда, а од доаѓањето на Клоп пред неколку години, и Ливерпул ми е меѓу омилените.

Од голманите, би го издвоил Словенецот Јан Облак, со кого имав чест да поразговарам 15 минути. Тоа беше, можам да кажам, дел од исполнување на сонот, незаборавно искуство. Час и пол го чекав пред хотел кога гостуваше Словенија и се исплатеше. Разговаравме со него што и како се работи“, раскажува Ивановиќ.

„Не сум се обложувал многу често, но знам некогаш да пишам тикет. Навистина немам многу време, постојано сум на тренинзи или анализираме во школата и клубот. Инаку, типувам навивачки, секогаш играм на победи на моите екипи“, заклучува човекот кој со задоволство прифати да состави хуманитарен тикет.

- Оглас -

Најнови вести