Вилјареал пазари бек од редовите на европскиот првак

Вилјареал ги договори личните услови со Алберто Морено, левиот бек на Ливерпул на кого му истекува договорот со Црвените на 30 јуни. Во првиот ден од следниот месец, Морено ќе се придружи на екипажот на „жолтата подморница“ како слободен играч, по пет минати сезони на „Енфилд“.

Шоанецот ќе биде првото засилување за Вилјареал ова лето, а повторно ќе игра во Ла Лига откако во минатото го носеше дресот на Севилја, од каде и се појави на фудбалската мапа. Враќање во Севилја беше една од опциите за Морено, но новиот тренер на Андалужаните Хулен Лопетеги се обидува да го доведе младиот Регуилон од Реал Мадрид на позајмица.

Морено во пет сезони како играч на Ливепрул настапи на вкупно 141 натпревари, а го загуби местото во стартните 11 по доаѓањето на Енди Робертсон, но и честите повреди го спречуваа во целост да ги оправда средствата. Иако во изминатава сезона запиша еден настап во Лигата на шампионите, освојувањето на европската круна засега е најголем успех во кариерата на Морено.

- Оглас -

Најнови вести