Владимир Дарида го воскресна ликот на Емил Затопек – Чехот истрча рекорд во Бундеслигата

Владимир Дарида го воскресна ликот и делото на славниот сонародник Емил Затопек и тој е маратонецот што ќе го памети Бундеслигата од саботата, 30 мај.

Чехот од Херта на дуелот со Аугсбург истрча неверојатни 14,34 километри, што е најмногу од фудбалер на еден меч во историјата на Бундеслигата, која е формирана во 1963 година.

Дарида беше неуморен на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, а со километражата ги надмина сите легенди што настапувале во германското првенство. Владимир ѝ помогна на Херта да го победи Аугсбург со 2:0 за продолжување на блескавата серија од три победи и реми, без пораз по камбекот на Бундеслигата.

Неговиот сонародник Затопек беше најдобриот атлетичар на долги патеки по Втората светска војна и стана славен со трите златни медали што ги освои на Олимпјадата во Хелсинки, кога победи на 5 и 10 километри и беше најбрз и на маратонот.

Дарида очигледно има „ген“ на својот славен сонародник, а отсега ќе го има во бундеслигашката книга, која се пишува веќе 57-ма година.

- Оглас -

Најнови вести