Влијателен човек застана во одбрана на Роналдо: Не може тој да е проблем, Кристијано бил тој што ги решавал проблемите

Кристијано Роналдо во последно време се почесто е „мета“ на напади и посочен како главен виновник за лошо влијание како на клупски така и на репрезентативен план. Поради тоа Роналдо и доби раскин на договорот од Манчестер јунајтед, а во репрезентацијата на Португалија го изгуби местото во стартниот тим.

Иако многумина сметаат дека токму Роналдо ја прави негативната атмосфера во националниот тим со тоа што одбива да тренира заедно со резервите, се кара и по секоја цена сака тој да биде запишан како стрелец на гол што постигнал негов соиграч и уште неколку други ситуации, во одбрана на легендарниот фудбалер застана еден од најдобрите тренери на денешницата, Карло Анчелоти.

„Каде е проблемот? Не знам, можеби уште се чувствува како 20-годишник, затоа што е во одлична форма. Низ текот на целата кариера водел голема грижа за своето тело, но факт е дека сега конкуренцијата е поголема. Што се однесува до проблемите, Роналдо бил човекот кој ги решавал сите проблеми, а не да ги создава. Го тренирав две години и никогаш немав никакви проблеми. Во просек постигнуваше по еден гол на меч, како може тоа да е проблем? Секогаш добро тренирал, внимавал на секој детал. Мене ми беше многу лесно со него, тој е неверојатен играч“, рече Анчелоти, кој две години беше тренер на Реал во периодот кога играше  Роналдо, а заедно освоија четири пехари, од кои највредниот беше во Лигата на шампиони во 2014 година.

Анчелоти и сега повторно е на клупата на Реал, но Роналдо од „Сантијаго Бернабеу“ си замина во 2018 година. Португалецот засега е без клуб и сигурно во јануари ќе се знае каде ќе ја продолжи кариерата.

- Оглас -

Најнови вести