Новата сезона во германската Бундеслига започна на многу интересен начин. Традиција е првиот меч од сезоната да го игра актуелниот првак, па Баер Леверкузен се најде на мегдан и тоа на гостување кај Борусија Менхенгладбах.
Интересно е дека ова е прв пат по точно 10 години, во првиот меч да не игра Баерн Минхен, клубот кој доминираше во Бундеслигата една цела декада и секогаш ја започнуваше новата сезона.
На мечот на Борусија Парк беа видени пет гола, а на крајот Баер Леверкузен покажа зошто е шампион. Фармацевтите постигнаа два гола за предност од 2:0 на полувремето, но Борусија не се предаде. Тимот од Менхенгладбах успеа да израмни на 2:2, но потоа следуваше драмата.
Судијата покажа дека ќе се играат дополнителни 10 минути, а токму во последната 10-та минута беше досуден пенал за Баер. Флоријан Вирц шутираше, голманот одбрани, но топката повторно се одби до напаѓачот кој успеа да постигне гол за победа од 3:2.