Во Челзи не го ценеа, Бјелса од него направи гол-машина

Патрик Бамфорд е еден од клучните играчи на Марсело Бјелса во Лидс. Англискиот напаѓач го потврди тоа така што добиената доверба ја оправда со седум погодоци во 10 премиерлигашки дуели.

Од тие седум, дури шест Бамфорд ги постигна надвор од „Еланд роуд“, што го прави најопасен играч во англискиот шампионат ако се земат предвид гостинските натпревари.

Утре (во 21 часот) Бамфорд ќе гостува на „Стемфорд бриџ“, каде што Лидс ќе ги одмери силите против Челзи. Бамфорд пет години беше член на Сините, меѓутоа не запиша ниту еден сениорски настап во Премиер лигата.

Се сменија седум менаџери во тој период, меѓутоа 27-годишниот напаѓач не доби доверба од ниту еден стратег и редовно заминуваше на позајмици, па во летото 2017 година беше продаден на Мидлсбро. Само една година подоцна местото си го најде покрај Езѓан Алиоски во Лидс, па со своите игри Бамфорд докажа дека е играч за големи натпревари.

Оваа сезона погодуваше еднаш против Ливерпул, Шефилд и Кристал палас, хет-трик даде против Астон вила, додека гол на домашен терен забележа против Фулам.

- Оглас -

Најнови вести