Во Дортмунд се свесни дека наскоро ќе останат без Санчо

Спортскиот директор на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк, е свесен дека Џејдон Санчо наскоро ќе го напушти клубот. Младата англиска ѕвезда на Милионерите веќе втора сезона блеска во Бундеслигата, со што го сврте вниманието кон себе на голем број европски гиганти. И покрај тоа што германскиот вицепрвак му постави цена на Санчо од 100 милиони евра, тоа не е проблем за богатите клубови кои ќе направат сè за неговиот потпис, а се очекува битката за Санчо да започне по крајот на оваа сезона.

Пред сè, клубовите од Манчестер се најзагреани за услугите на Санчо, кој пак има договор со Дортмунд до јуни 2022 година. Јунајтед и изминатово лето се обиде да го осигури потписот на 19-годишниот крилен офанзивец, меѓутоа тој одби преселба на „Олд Трафорд“. Што се однесува за англискиот првак Сити, челниците на клубот работат на планот да го вратат Санчо назад во своите редови, од кого прерано се откажаа во 2017 година.

Санчо како средношколец се пресели во Германија за сума од осум милиони евра поради фактот што не можеше да добие шанса кај Гвардиола, а сега токму тој може да биде замена за Лерој Сане, кој закрепнува од тешка повреда и најверојатно ќе го оствари трансферот во Баерн Минхен штом се врати на терените.

Санчо досега одигра вкупно 64 натпревари во кои постигна 18 гола и запиша 29 асистенции, а минатата сезона беше прогласен за најдобар асистент во Бундеслигата само со 18 години, така што јасно е дека станува збор за врвен играч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести