Во Мелбурн ќе дојдат 95 отсто од најдобрите тенисери, но можно е да го нема најдобриот

Најдобриот тенисер на денешницата, Новак Ѓоковиќ, мора да покаже сертификат дека примил две вакцини против корона-вирусот доколку сака да настапи на првиот гренслем-турнир во 2022 година, Отвореното првенство на Австралија.

Директорот на Отвореното првенство на Австралија, Крег Тајли, вели дека очекува 95 отсто од најдобрите тенисери да бидат дел од првиот гренслем во годината, но останува дилемата дали во Мелбурн ќе пристигне бројот 1 на АТП-листата, Ѓоковиќ.

Србинот е најдобар тенисер во историјата на Отвореното првенство на Австралија и досега има девет титули на турнирот во Мелбурн. Освен јубилејниот 10-ти трофеј на овој гренслем, Ѓоковиќ во Австралија треба да го брка и рекордниот 21-ви гренслем-турнир.

„До денеска, 85 отсто од тенисерите се вакцинирани. Ние имаме големи заслуги за тоа бидејќи вакцинацијата ја поставивме како услов за настап на првиот гренслем. Мислам дека до јануари ќе бидат вакцинирани помеѓу 90-95 отсто од тенисерите. Тие што нема тоа да го направат, нема да може да играат“, категоричен е Тајли.

Ѓоковиќ најави дека не планира да се вакцинира, а ако тоа не се случи, Србинот нема да биде дел од неговиот омилен гренслем-турнир, каде што е и актуелен бранител на тронот.

„Сигурен сум дека Новак сака да го освои и јубилејниот 10-ти трофеј во Мелбурн. Тој има 20 гренслем-турнири колку што имаат и Рафаел Надал и Роџер Федерер и сигурно нема да сака да дозволи некој друг прв да стигне до 21-виот трофеј. Ѓоковиќ е еден од најдобрите играчи на сите времиња, но има свој став околу вакцинирањето. Некои се согласуваат со него, некои не“, додаде Тајли.

Отвореното првенство на Австралија треба да се игра од 17 до 30 јануари 2022 година.

 

- Оглас -

Најнови вести