Во младите е силата на Арсенал – Нкетаја се врати со гол, топчиите ќе играат со Портсмут во ФА купот

Арсенал има одлични млади играчи, а токму трилингот Нкетаја, Сака и Мартинели беше во главните улоги во победата на Топчиите против Борнмут во четвртото коло од ФА купот.

Вечерва на стадионот „Виталити“ во Борнмут гостите славеа со 2:1 и ќе патуваат на мегдан на Портсмут во следното коло од националниот куп на Англија.

Многу брзо гостите ги разрешија дилемите околу победникот, а прецизни беа 18-годишниот Сака во петтата минута и 20-годишниот Нкетаја во 26-тата минута. Тој го постигна првиот гол при камбекот од Лидс, каде што беше на позајмица, но се врати во редовите на Арсенал.

Асистенти за головите беа Мартинели, уште еден тинејџер со 18 години, кој одлично го проигра Сака за првиот гол, и токму Сака со асистенција за вториот што го постигна Нкетаја.

Почесниот гол за домаќините го постигна Сем Стариџ, уште еден млад играч кој има 21 година.

Според ждрепката, Портсмут ќе му биде домаќин на Арсенал во петтата рунда, а во ФА купот се игра само еден меч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести