Во најбурните времиња за Вардар, Васоски ги донесе Црвено-црните во мирни води

Актуелниот фудбалски првак Вардар беше најубедлив во последното лигашко коло во 2020 година откако на гости со 3:0 ја победи Беласица. Уште во првата минута, Мирчевски погоди за водство на Вардар, а победата беше потврдена во второто полувреме, кога прецизни беа Стојчевски во 54-тата минута и Цветаноски во 61-вата минута.

За Вардар ова беше шеста победа во 18-тото коло и со 25 бода ќе презими на петтото место на табелата. Мечот во Струмица е и последен за тренерот Александар Васоски, кој по шест години поминати како дел од клубот, ќе си замине. За Вардар останува бурен период во кој треба да се најдат финансиски средства за да може да се доигра сезоната. Иако бодовно е добро обезбеден, иднината на најтрофејниот фудбалски клуб е неизвесна.

Лидерот Шкендија неочекувано загуби на свој терен од Пелистер, и тоа со гол во 91-вата минута. Искусниот 35-годишен Борче Маневски погоди за победа и голема радост на битолчани и прв пораз на Шкендија сезонава. На гости се радуваше и Ренова кај Македонија Ѓорче Петров победувајќи со 3:2.

Академија Пандев го изненади Силекс во Кратово и славеше со 2:1, а Шкупи дома загуби од Струга Трим Лум со 1:2. Единствената победа на домашен терен ја забележа Работнички против Борец со 2:1.

Резултати: Беласица – Вардар 0:3, Македонија ЃП – Ренова 2:3, Работнички – Борец 2:1, Шкендија – Пелистер 0:1, Шкупи – Струга ТЛ 1:2, Силекс – Академија Пандев 1:2.

Табела по комплетиран есенски дел: Шкендија 39 бодови, Шкупи 33, Македонија ЃП 33, Струга ТЛ 28, Вардар 25, Борец 25, Работнички 24, Силекс 22, Ренова 19, Пелистер 18, Академија Пандев 17, Беласица 9.

 

- Оглас -

Најнови вести