Во нашата анкета навивачите се јасни: Дури 90 отсто велат дека Милевски не треба да остане селектор!

Македонската фудбалска репрезентација не успеа да се пласира на Европското првенство 2024 година откако заврши на четвртото место од пет селекции во групата во која за ривали ги имавме Англија, Италија, Украина и Малта. Освен неуспешните квалификации, Македонија имаше очаен настап и во Лигата на нациите, па ни преку баражите од ова натпреварување нема да има шанса да се бори за настап на континенталниот собир.

Договорот на селекторот Благоја Милевски истече, а во неговиот досегашен мандат од две години и три месеци, Македонија одигра 28 меча, во кои оствари 10 победи, 11 пати загуби и седумпати ремизира со вкупна гол-разлика од 38 дадени и 42 примени гола. Во двата квалификациски циклуси на кои тој беше предводник, Македонија завршуваше на претпоследното место во групите (Лига на нации и Квалификации за ЕП 2024).

Останува дилемата дали Милевски ќе добие нов договор или во следниот период ќе се промовира нов селектор на фудбалската репрезентација. Спорт Манија реши да направи анкета на фејсбук-страницата и ги запраша читателите кое е нивното мислење. Прашањето беше едноставно: Заслужува ли Благоја Милевски да продолжи да ја води фудбалската репрезентација на Македонија?

За помалку од 20 часа, над 150 наши читатели го дадоа своето мислење и нема дилеми за тоа какво е расположението меѓу навивачите. Дури 90 отсто од оние кои учествуваа во оваа анкета се изјаснија дека Милевски НЕ ТРЕБА да добие продолжување на договорот.

Најголем дел од навивачите одговараат кратко со отсечно „НЕ“, а дел даваат и објаснување зошто Милевски не заслужува нов договор.

„Не! Двете нерешени со Италија и Англија не му ги покриваат поразите од Грузија и Бугарија и пресвртот на Украина, како и дебаклот со Англија у гости“,

„Краток и јасен одговор, НЕ! Не можи да одговори на фудбалските правила? Нема капацитет да ја оствари поставената цел?! Игра на картата како морален победник што е одамна напуштена излитена фраза“.

Во коментарите кои се дадени, има и од оние кои велат дека кој и да дојде селектор, ситуацијата нема да се смени затоа што капацитетот на фудбалерите со кои располага македонската репрезентација е толку.

„И да не заслужува, а кој ќе биде следниот? Треба да признаеме дека немаме играчи. Сите се од пониска класа. Или се резерви или играат во пониски лиги. Тоа е тоа. Кој и да биде селектор, исто ќе биде, па можеби и полоши. ЗА ЖАЛ!“

„Не, ама кој и да дојде тренер, исто ќе е. Играчите се тие што се, то е то“.

Меѓу оние 10-тина отсто кои очекуваа Милевски да остане селектор и да добие нов договор, најчесто велат дека селекторот треба да добие уште една шанса да го предводи тимот кој „тој го има создадено“ и со кој играше на младинското ЕП 2017 година.

„Заслужува затоа што е тоа негова генерација фудбалери до 21 година што постигна најголем успех тогаш. Бидете реални и треба да ги знаете нашите можности и ресурси. И како јаготка на тортата, во сè е замешана таа проклета политика. Со овие можности големо БРАВО за фудбалерите и селекторот.“

„Да. Селекторот вади максимум од скромниот потенцијал на играчи. Освен 3-4 кои што колку толку играат, другите се или без клуб или со скромна минутажа. Освен играта со Англија на гости и Италија прво полувреме, на сите други игравме солидно“.

„Мислам дека заслужува. Голем дел од ростерот играчи што се сега, тој ги одведе на Европското првенство за играчи до 21 година. Е сега, ние сакаме таков успех да направи како Игор Ангеловски. По тој пласман на ЕП, издишаа. И не е крив селекторот. Им треба јака мотивација како овој натпревар со Англија, да се на исто ниво дури и помотивирани.“

Целата анкета може да ја видите ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести