Во Шпанија се бара казна за судијата што го исклучи Меси

Интересна иницијатива има во Шпанија и се бара казна за судијата Жил Манзано, кој го исклучи Лионел Меси во финалето на шпанскиот Суперкуп, што е прв црвен картон на аргентинскиот ас во дресот на Барселона по серија од 753 одиграни натпревари за Каталонците.

Спорно е што барањето доаѓа од декларираниот навивач на Барселона, Жауме Роурес, кој е еден од оснивачите на „Медијапро“, компанија која се бави со ТВ-права и е главен бродкастер на француското првенство.

Роурес вели дека Меси не бил заштитен од судијата Манзано во текот на финалето против Атлетик Билбао од острите стартови на противничките играчи.

Го посочи Вилјалибре, играч кој според Роурес, имал неколку опасни фаули над Меси, а потоа токму нивниот дуел предизвика исклучување на Аргентинецот.

„Јасно е дека Меси го удри Вилјалибре, но тоа немаше да се случи ако судијата претходно го заштитеше од опасните стартови на играчите на Атлетик. Ако им поделеше неколку жолти картони, немаше да има исклучување за Меси. Кога веќе го казнија Лео, треба да го казнат и Манзано“, вели Роурес.

Исклучувањето се случи во последната минута од вкупно 120, колку што се играа во финалето во Севилја, а Атлетик Билбао го освои пехарот со победа од 3:2 по продолженија.

Меси доби казна од два меча пауза за првото исклучување во кариерата како играч на Барселона.

 

- Оглас -

Најнови вести