Во тепачка го „освоија“ знамето, но кога ја слушнаа приказната за него, веднаш го вратија

Пред неколку дена Англија ја растури Црна Гора и ја победи 5-1 во Подгорица, во меч од квалификациите за Европското првенство 2020 година. Тоа беше прв триумф на Гордиот Албион во третото гостување кај овој противник. Освен високата победа на Англија, главна тема беа расистичките испади на домашните навивачи и исчекувањето на евентуалната казна за Црна Гора.

По мечот, се случија и инциденти меѓу навивачите на двете селекции. Црногорците успеаја во нередите да им одземат 10-тина знамиња на гостите. Тоа е еден вреден доказ дека си ја добил тепачката и знамињата остануваат запленети. Сепак, едно англиско знаме беше вратено, а приказната е потресна.

На „освоеното“ англиско знаме стоеја годините 2002 и 2006, како и името Луис, а Црногорците се пофалија дека тоа сега е нивно. Сепак кога слушнаа што значат бројките и името, знамето веднаш беше вратено.

„Секој има свои трофеи. Кај навивачите тоа е одземеното знаме! Некаде тоа има помало, а некаде поголемо значење. На Балканот, одземеното знаме дефинитивно има големо значење. Едно од одземените англиски знамиња беше и знамето „Луис“. Но ова знаме не е како и останатите, а тоа никој не можеше да го знае. Ова знаме го носи навивач кој патува со англиската репрезентација низ целиот свет во чест на својот починат син Луис. Кога навивачите на Црна Гора слушнаа за какво знаме се работи, веднаш ја контактираа британската амбасада и го вратија знамето, кое треба да стигне до својот сопственик“, стои во соопштението испратено од групата Ултра Црна Гора.

Преку социјалните мрежи, англиските навивачи побараа знамето да биде вратено, а само неколку часа по таа објава, беше потврдено дека знамето кое често може да се забележи кога игра англиската репрезентација или тимот на Вест хем, повторно ќе биде кај својот вистински сопственик.

Знамето „Луис“ е во чест на детенцето кое починало само на четири години, а неговиот татко и постариот син веќе 13 години не се одвојуваат од тоа знаме. Едноставно, на тој начин и малиот Луис постојано е со нив на мечевите кои тие ги следат. Таткото беше пресреќен кога слушна дека знамето ќе му биде вратено.

„Среќен сум што можам да потврдам дека знамето е предадено во британската амбасада во Црна Гора и тоа ќе ми биде вратено назад. Им благодарам на сите кои помогнаа знамето да ми биде вратено“, рече таткото на Луис.

Како потврда дека знамето е вратено, ќе го очекуваме саботниот дуел меѓу Вест хем и Евертон, каде што повторно би требало да биде развиорено ова знаме.

 

- Оглас -

Најнови вести