Војна на зборови меѓу легендите на Јунајтед и Ливерпул: Сега молчиш кога во Саудиска Арабија отиде човекот кому му ги носеше копачките

Легендарните дефанзивци на Манчестер јунајтед и Ливерпул, Рио Фердинанд и Џејми Карагер, ја продолжуваат војната на зборови на социјалните мрежи поради петродоларите од Саудиска Арабија.

Последниот напад дојде од Фердинанд, кој го обвини Карагер дека е лицемер, и тоа откако легендарниот капитен на Ливерпул, Стивен Џерард, ја прифати понудата да го предводи Ал-Итифак.

Имено, Карагер во своите настапи како ТВ-аналитичар, но и на социјалните мрежи, со доза на презир зборуваше за саудиската лига и дека големите фудбалски ѕвезди не треба да трчаат по парите кога имаат уште неколку квалитетни сезони во нозете и треба да останат во Европа. Карагер го критикуваше секој трансфер на фудбалерите коишто заминаа во Саудиска Арабија, како Кристијано Роналдо, Н’голо Канте, Карим Бензема…

Но, сега кога се појави веста дека Џерард ќе биде нов тренер на Ал-Итифак, Карагер замолкна и тоа го искористи Фердинанд да зададе нов удар во нивната војна на зборови.

„Што е, сега молчиш, а? Претходно ги омаловажуваше лигата, државата и културата, а сега си тивок кога твоите момци Стивен Џерард и Роби Фаулер, заминаа во Саудиска Арабија“ напиша Фердинанд на свјот профил на „Твитер“, но потоа ја избриша објавата.

Фердинанд потоа го нападна Карагер и преку ТВ-екраните за време на емисија посветена на фудбалот.

„Џејми, каде си? Зборуваше сè и сешто, дека е срамота Бернардо Силва да оди таму и дека сè што прават Саудијците треба да истражи. А што правиме сега кога Стиви замина таму? Да те потсетам, ги носеше неговите копачки и торба на натпреварите. Сега молчиш, не слушнав нешто да кажеш и не гледам дека си разочаран од потегот на Џерард“, изјави Фердинанд.

- Оглас -

Најнови вести