Волтон на рапорт кај Меџик Џонсон, ќе се остварат ли прогнозите за спојување на Лу и Леброн?

Лук Волтон мора брзо да пронајде победнички рецепт и тоа во серија за Лос Анџелес лејкерс, за да го задржи местото главен тренер на „шоумените“ од Ел-еј, прогнозираат експертите.

Младиот тренер бил на рапорт кај легендарниот Меџик Џонсон, кој е претседател на Лејкерс, а било разговарано како да се поправи негативниот ефект од 3 победи и пет порази на стартот од сезоната во НБА лигата.

Во Лос Анџелес летово пристигна најголемата НБА ѕвезда во моментов, Леброн Џејмс, а токму тука може да е и главниот проблем на Волтон.

Тајрон Лу доби отказ во Кливленд по заминувањето на кралот Џејмс од клубот, а „злите јазици“ веднаш прогнозираа дека е загрозена позицијата на Волтон во најтрофејниот клуб во НБА лигата.

Леброн според нив сака да командува, речиси и непотребно е да се коментира дека во Кливленд тој ги влечеше сите конци, а за Лу велат дека беше само фигура на клупата на Кавалирс. Џејмс ја состави екипата, велат по сопствен избор и успеа да ја доведе и до титулата во НБА.

Сега Лу е слободен агент, остана без работа по отказот во Кливленд и веднаш се шпекулираше дека Волтон треба да внимава. Младиот тренер имаше успешна епизода како помошник на Стив Кер во шампионскиот тим на Голден стејт вориорс, но сега мора итно да најде победнички концепт за Лос Анџелес лејкерс, ако сака да продолжи како главен тренер на клупата на „езерџиите“.

- Оглас -

Најнови вести