Време е за македонските игри за престолот

Време е за македонските игри за престолот, а во првиот месец од новата година ќе мора да се реши јазолот со селекторот на нашата фудбалска репрезентација. Јазол што непотребно сами си го врзавме и во наредните денови ќе мора да се расплете со очекуван или изненадувачки исход.

Ситуацијата што сè уште е чиста како солза и не дава никаква поинаква нормална опција освен продолжување на договорот со Игор Ангеловски, успеавме да ја доведеме на работ на неизвесност, на дворски игри, на суетни обиди да се искомплицираат работите, кои во нормалниот фудбалски свет би се решиле со пријателски и кус разговор и со исход што значи печат на успехот.

Македонија за првпат ќе игра на Европско првенство и за записот во историјата меѓу првите, меѓу рамноправните јунаци што приредија подвиг е и Игор Ангеловски.

Селектор што можеби претрпе и најмногу критики во нашата фудбалска историја, но беше упорен, дури и тврдоглав со некои одлуки да го истурка својот концепт. Тактика што понекогаш и не нервираше, но и нè доведе до сензационален настап на прво големо натпреварување.

Ангеловски успеа да направи чудесен пресврт и од „сомнително лице“ да стигне до еден од хероите на нацијата. Сега со шаховски речник има неодбранлив напад за мат. Моќна армија од топови во поддршката на фудбалските симпатизери во Македонија, кои без резерва си го кажаа ставот и сакаат тој да остане селектор. Со кралот на играта, Горан Пандев, зад него и разиграни фигури во останатите репрезентативци, кои апсолутно го подржуваат неговиот избор за селектор што ќе ги предводи на ЕП во јуни и во јули оваа година.

Јавна тајна е дека односите на релација претседател на ФФМ Муамед Сејдини и селекто, Игор Ангеловски не се добри, но, за среќа, не ги урнаа нашите надежи и сонот за пласман на големо натпреварување.

Претседателот на Федерацијата исфрли добар адут, но во погрешно време. Боби Милевски е кандидат за нов селектор ако на Ангеловски не му биде продолжен договорот и тоа би бил логична низа на работите во секоја друга ситуација, но е и сега.

Милевски е човекот што приреди уште еден неочекуван подвиг и прв успеа да одведе македонска фудбалска репрезентација на ЕП.

Ја промовираше златната генерација млади фудбалери со Барди, Николов, Велковски, Елмас… во страшен и незаборавен квалификациски циклус во 2016/17, кога Македонија ја претрка велесилата Франција и фаворизираните Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска и прва мина низ целта со историски пласман на ЕП во Полска во 2017 година.

Тоа е успех што не се заборава и му донесе огромно наследство на Милевски, кој секако е одлично решение како наследник на Ангеловски, но не и сега, во услови кога популарниот Мрме е на пикот во тренерската кариера.

Циклусот што Ангеловски го почна пред пет години и го дотурка до историски пласман на ЕП, мора да се заврши со селекторување и на шампионатот. По сите параметри, нема друго логично решение за одврзување на јазолот во сосема непотребните македонски игри за престолот што се најавуваат со завршувањето на новогодишните и божиќните празници.

Препораката на сите во Македонија што го сакаат фудбалот е јасна, Ангеловски заслужува да биде селектор на Македонија на ЕП, а Милевски секако е одлично решение за негов наследник во некое идно време.

- Оглас -

Најнови вести