За грст долари голем е срамот на гигантите

Формирањето на Суперлигата силно го здрма европскиот фудбал, за среќа, потресот беше кус и траеше само два дена, до експресното згаснување на еден од најлошите проекти за најважната споредна работа на светот.

Богатите клубови го заборавија кодексот на играта, ги заборавија и навивачите, заборавија за кого се игра фудбалот и сето тоа за грст долари.

Објаснувањето на Флорентино Перес јасно ја отсликува целата ситуација, „сега не можеме да ги купиме ниту Мбапе, ниту Халанд“, што значи не било за спас на Реал и останатите гиганти во Г-20 што ја формираа Суперлигата.

Најголемите трошаџии имаа цел, уште полесно да трошат пари за играчи што не ги создаваат, туку од позиција на моќ и буквално ги грабаат од клубовите што ги произведуваат.

Трансферите веќе лесно ги надминуваат фантастичните граници од 100-200 милиони евра, суми што можат да ги платат само привилегираните.

Ниту УЕФА, која привидно излезе како победник во битката со Суперлигашите, не мрда со прст да си ги почитува правилата што се јасни. Има финансиски ферплеј, но не важи за сите клубови.

Зошто не беа казнети ПСЖ и Манчестер сити, сè уште не е јасно, па ниту УЕФА не може да биде светецот, како што навидум изгледа по победата против Суперлигашите.

Потсетете се на истата таа УЕФА како во минатото, па и сега постапува со помалите клубови. Сетете се на случајот со Легија против Селтик, кога полскиот првак беше исфрлен од Лигата на шампионите за банална грешка, иако на теренот во два меча го декласира шкотскиот гигант со вкупен резултат од 6:1.

Добро е што Суперлигата не заживеа, иако дел од основачите сè уште се надеваат на чудо, но сега е време за реформи и во ФИФА и УЕФА. Време е вистинските победници, навивачите и фудбалските вљубеници да добијат правда, фудбал што ќе се игра во рамноправни услови во сите делови во светот, без привилегија за големите и ставање на страна на помалите.

Време е Реал, Јувентус, Барселона, Манчестер јунајтед, Сити и останатите несудени Суперлигаши да почнат многу посериозно да работат со своите младински академии. Поточно, време е за ограничување на трошоците за бесмислени трансфери од 100-200 милиони евра.

И без нив Ел Класико меѓу Реал и Барса ќе биде привлечно, како и дербито на Италија меѓу Јувентус и Интер, англиската класика меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул и уште многу дуели со вечна класа и реноме во Европа.

Разликата ќе биде што поголема шанса за да го остварат сонот на Стеауа, Црвена ѕвезда, Нотингам форест, Хамбургер, Астон вила, Феенорд…, кои беа европски прваци, а ќе имаат и клубови од рангот што не ги почитуваа Суперлигашите со идејата да си формираат клуб на богаташите.

Време е за популарниот „Селари кап“ и во европскиот фудбал за да нема досадни репризи и едни исти прваци и во домашните првенства, особено во Топ-5 лигите и во Лигата на шампионите.

 

 

- Оглас -

Најнови вести