За Лазаров групата не можеше да биде подобра

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва тргнува со обврските на Светското првенство кое се одржува во Египет. Избраниците на Данило Брестовац во првиот меч од групната фаза ќе ги одмерат силите со Шведска, која на ракометниот Мундијал пристигна прилично ослабена.

Капитенот Кирил Лазаров во пресрет на овој меч посочи дека на Македонија не можеше да ѝ се падне подобра група дури и самите да ја бираа, а шансата за настап на првенството треба да се искористи за да се види до каде е прогресот на подмалената репрезентација.

„Информацијата дека ќе настапиме на СП ја добивме за време на вечерниот тренинг. Подготвени сме иако влеговме како замена, имавме повеќе од 10 дена за подготовки во кои одигравме два добри дуели против Чиле. Се најдовме во добра група за која можам да кажам дека имавме доста среќа бидејќи сами да ја биравме против кои селекции да играме, ќе ја одберевме токму оваа група. Шведска е нашиот прв противник, репрезентација која на СП дојде десеткувана, безмалку со осуммина отсутни првотимци. Индиректно ни се зголемуваат шансите за да бидеме поконкурентни, па дури можеме и да изненадиме. Среќен сум што ќе играме бидејќи ова е добра прилика да видиме што и колку можеме на индивидуално, но и на колективно ниво“, истакна Лазаров.

Инаку тестирањата за ковид-19 поминаа без проблеми бидејќи целата експедиција на Македонија доби негативни резултати пред сместувањето во хотелот во Каиро.

Според коефициентите во Sport Life, Шведска ја има фаворитската улога со 1.32 квота на „кец“, додека победа на Македонија важи 4.10 коефициент. Натпреварот од групата Г ќе се одигра во Каиро во 20:30 часот.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести