За најдобриот играч на Лацио нов договор и капитенската лента

Лацио подготвува нов договор за Чиро Имобиле, најдобриот стрелец во Серија А. Новата соработка со италијанскиот репрезентативец би требало да трае до јуни 2025 година, а покрај зголемените примања, Имобиле најверојатно ќе ја добие и одговорноста да ја носи капитенската лента.

Овосезонскиот конкурент за титулата во Калчо лигата претходно ги осигури услугите на неколку клучни играчи, како Луис Алберто и Сергеј Милинковиќ-Савиќ, па на ред дојде да се задржи и најдобриот играч во екипата. Имобиле со своите 27 гола е меѓу најзаслужните што Лацио пред прекинот на сезоната се најде во позиција да му пркоси на Јувентус во одбраната на тронот во Италија.

Италијанските медиуми тврдат дека Имобиле воедно ќе биде новиот капитен, со оглед на тоа дека Сенад Лулиќ, играчот чија е одговорноста да ја носи лентата, веројатно ќе го напушти Лацио откако ќе му истече договорот ова лето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести