За Панцерите обичен дуел, за нас историско гостување

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20:45 часот) со тешкото гостување кај Германија ќе го комплетира мартовскиот циклус во квалификациите за СП 2022. Рисовите сонуваат за подвиг во историското гостување во Дуисбург, каде што на „МСВ арената“ за првпат ќе ги одмерат силите против четирикратниот светски првак.

Панцерите не се толку воодушевени што ова ќе биде премиерна средба на двете селекции, а по победите над Исланд и Романија, целат на максимален учинок во овој прозорец и преземање на контролата во квалификациската група Ј. Составот на Јоаким Лев досега не знае за гол во својата мрежа, што уште повеќе ја отежнува работата на нашата репрезентација, а воедно Германците од септември 2019 година бележат само еден пораз во 15 натпревари, што само го потврдува квалитетот на фаворитот во нашата група. Воедно треба да се знае дека Германија нема пораз во мундијалските квалификации од септември 2001 година, загубија со огромни 1-5 дома против Англија, што уште повеќе ја отежнува нашата мисија.

Лев најави дека на теренот во Дуисбург ќе се појави речиси со истиот состав кој му донесе победа на гостувањето кај Романија, со тоа што единствената замена во стартните 11 ќе биде голманот Тер Штеген, кој добива шанса пред капитенот Нојер. За нив е познато дека нашиот најопасен играч е човекот кој нè одведе на ЕП, Горан Пандев, а покрај лидерот на оваа генерација, Елмас е втората закана на која Панцерите треба да пазат.

Што се однесува до Рисовите, тие веруваат во историски подвиг и големо изненадување. Пандев верува во квалитетите на нашиот национален состав дека може да се извојува позитивен резултат. Најубедливата победа во изминативе 19 години, остварена против Лихтенштајн пред три дена, се искористи како надградба на самодовербата и мотивацијата кај нашите фудбалери, што треба да се пренесе вечерва на теренот.

Селекторот Игор Ангеловски маката во составување на старните 11 ја гледа кај Велковски и Адеми. Неизвесно е дали двајцата првотимци се подготвени да го издржат напорот, а од нив ќе зависи и во каква фомација ќе се појавиме во Дуисбург. Големи се шансите Ангеловски да ја промени формацијата за овој меч, со Пандев како најистурен во нападот, а Елмас веднаш зад него.

Најавени тимови:

Германија (4-5-1): Тер Штеген, Клостерман, Рудигер, Чан, Гинтер, Кимих, Гундоган, Хаверц, Сане, Вернер и Гнабри.

МАКЕДОНИЈА (4-4-1-1): Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Ристевски, Адеми, Барди, Алиоски, Трајковски, Елмас и Пандев.

- Оглас -

Најнови вести