За Реал Мадрид сезонава гол дадоа дури 18 различни фудбалери

Еден од најголемите квалитети на новиот лидер во шпанското фудбалско првенство, покрај одбраната (13 примени гола во 21 кола се изедначување на клупскиот рекорд), е и разновидноста при реализацијата. Реал не дава премногу голови, но тоа е затоа што веќе нема некој играч каков што беше Кристијано Роналдо што редовно ќе погодува.

Затоа малиот број на голови од напаѓачите се надоместува со погодоци на дефанзивците и играчите од средниот ред.

Синоќа голот вреден три бода на Реал му го донесе бекот Начо, кој играше против Валјадолид само затоа што Даниел Карвахал беше суспендиран и тимот нема друг класичен десен бек. Начо немаше дадено гол уште од Светското првенство во Русија, кога во дресот на шпанската селекција погоди против Португалија.

Сега вкупно 18 различни играчи на Реал имаат дадено барем по еден гол сезонава. Најефикасен е Бензема со 16, Родриго има 6, Серхио Рамос и Модриќ по 5, Касемиро и Крос по 4, Бејл три, Варан, Винисиус, Валверде и Брахим Дијас по два, а по еден имаат Начо, Карвахал, Јовиќ, Иско, Азар, Лукас Васкес и Хамес Родригес.

Првиот гол сезонава го чекаат Менди, Марсело, Милитао и Маријано Дијас.

- Оглас -

Најнови вести