Загина Благоја Георгиевски-Буштур

Легендарниот македонски кошаркар Благоја Георгиевски, познат како Буштур, синоќа загинал во тешка сообраќајна несреќа која се случила во Скопје, објави официјалната страница на КФСМ.

Според првичните, инаку неофицијални информации, несреќниот момент се случил во скопската населба Кисела Вода, поточно кај сервисот „Скендеровски“. На дождливиот коловоз, легендарниот Буштур изгубил контрола над возилото, излетал од патот и удрил во бетонските блокови поставени покрај булеварот, пишува на сајтот на Федерацијата.

Великанот на македонската кошарка починал на лице место. Местото на несреќата е блокирано поради полицискиот увид и причините за големата несреќа.

Благоја Георгиевски е роден на 15 октомври во Скопје. Најголем дел од својата играчка кариера ја помина во Работнички, клубот со којшто се натпреваруваше во Првата југословенска кошаркарска лига. Во сезоната 1975/76 популарниот Буштур, заедно со Работнички, стигна и до полуфиналето на Купот на победниците на куповите.

Георгиевски беше и член на младинската репрезентација на Југославија. А со таа селекција, предводена од Лазар Лечиќ, Буштур ја освои Балканијадата во Риека одржана во 1970 година. За време на младинското Европско првенство во Атина, нашиот кошаркарски великан го освои четвртото место.

Во 1971 година беше дел од југословенската сениорска репрезентација која настапи на ЕП во Западна Германија, каде што се закити со сребрниот медал.

Георгиевски беше учесник и на Летните олимписки игри во 1976 година кои се одржаа во Монтреал. Како составен дел на популарните „сини“, Буштур стигна до олимпиското сребро, што е најголемиот резултат на еден македонски кошаркар во историјата на овој спорт.

По осамостојувањето, Георгиевски работеше и како тренер. Беше и селектор на македoнската сениорска репрезентација.

Беше член на Управниот одбор и на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, претседател на Олимпискиот совет при МОК, а беше и потпретседател на највисоката спортска институција во нашата земја.

Член е на Клубот на великаните на Македонскиот олимписки комитет од 1997 година.

- Оглас -

Најнови вести