Бразилскиот фудбалски гигант Коринтијанс пред две ноќи ја загуби првата четвртфинална битка во големото дерби со Фламенго во Копа Либертадорес, но има високи амбиции и идеа да го ангажираат Кристијано Роналдо.
Седумкратниот бразилски првак загуби на свој терен со 0:2, но духот и оптимизмот не ги напушта, па му порачаа на Португалецот дека го чекаат со раширени раце.
„Да, вистина е, сакаме да му порачаме на Роналдо дека би играл за голем клуб што има големи соништа и планови. Зошто да не бидеме амбициозни и да не веруваме. Успеавме да ги ангажираме Вилијан и Ренато Аугусто, веруваме дека можеме да го доведеме и Роналдо“, изјави првиот човек на Коринтијанс, Дулио Монтеиро Алвес.
Коринтијанс е гигант во Јужна Америка и со 7 титули третата најтрофејна екипа во Бразил и има широка база на симпатизери.
Имаат и една титула во Копа Либертадорес, а сакаат да ја искористат ситуацијата со Роналдо, кој не е задоволен во Манчестер јунајтед и сака да си замине.
За првпат по 20 години популарниот ЦР7 нема да игра во Лигата на шампионите, што е главната причина за незадоволство.
Манчестер јунајтед ќе игра во Лигата на Европа, што не ги задоволува амбициите на Роналдо, но засега и не може да најде клуб што сезонава ќе игра во Лигата на шампионите.