Захави сака да и се одмазди на Македонија, го скаравме со цел Израел

Еран Захави е најопасниот напаѓач на Израел во моментов, тој е убедливо најдобар стрелец во кинеското првенство со 24 гола за Гвангжу Р&Ф, а против Македонија на петти септември ќе има посебни мотиви за реванш.

Нашите репрезентативци толку го изнервираа на последниот меѓусебен дуел во Хаифа, кога Македонија победи со 1:0, што Захави направи голема глупост и ја фрли капитенската лента на тревникот на „Сами Офер“ стадионот во Хаифа.

Цел стадион го испрати со свирежи, а потоа имаше голема кавга во израелскиот табор и изби вистински скандал. Захави се извини, но и беше казнет со 12 месеци неиграње за репрезентацијата, и му беше трајно одземено правото да биде капитен на Израел.

„Погрешив, се извинив и навистина ми е жал што реагирав на тој начин. Сега е најважни да победиме и да останеме во игра за пласман на Европското првенство“, вели Захави.

Новиот селектор Андреас Херцог го врати Еран во репрезентацијата, а напаѓачот на Гвангжу Р&Ф возврати со голови. Захави е прв стрелец во нашата група со 7 гола по четири кола, а вистински куриозитет е дека само уште Мунас Дабур се има запишано во листата на стрелците и тоа еднаш за Израел, селекција која досега постигна вкупно 8 голови.

Се очекува токму тој тандем да го предводи израелскиот напад против Македонија на петти септември во Бер Шева од 20.45 часот, а ќе треба да се внимава и на џокерот од клупа Шон Вајсман, кој е прв стрелец на австриски Волфсбергер со 9 погодоци.

- Оглас -

Најнови вести