Закани пред дербито на Мерсисајд: Можеме да го победиме Ливерпул на „Енфилд“

Новото, 15-то коло на Премиер лигата ни носи сочно градско дерби кое ќе се игра на „Енфилд“. Ливерпул го пречекува Евертон во мечот во кој Црвените ќе се обидат да ја одржат серијата без пораз на 15 меча и притоа да ја зголемат бодовната разлика во однос на останатите екипи.

Во пресрет на дербито, голманот на Евертон, Џордан Пикфорд, самоуверено кажа дека Карамелите може да изненадат на непријателското тло, без разлика што екипата на Јирген Клоп е во фантастична форма и делува незапирливо.

„Знаеме со колку тежок предизвик треба да се соочиме. Нема сомнежи дека Ливерпул е незапирлив во моментов, но исто така знаеме колку на нашите фанови им значи да издвоиме добар резултат на „Енфилд“. Ќе играме за нив, но и за нашата чест. Сметам дека оваа екипа може да се надигрува со секој противник само ако го даде максимумот. Ќе се обидеме да ја расипеме забавата на црвениот дел од Ливерпул“, истакна Пикфорд.

Англискиот репрезентативец не го памети по добро последното гостување на култниот стадион. Неговата кардинална грешка длабоко во судиското надополнување му овозможи на Ливерпул да ги освои трите бода со погодокот на Дивок Ориги.

Сепак, Ливерпул има големи шанси да слави нова победа ако се знае дека во текот на оваа сезона веќе се соочи со сите екипи од „големата шестка“. Црвените славеа против Тотенхем (2-1), Арсенал (3-1), Челзи (2-1) и Манчестер сити (3-1), а ремизираа со Манчестер јунајтед (1-1).

 

- Оглас -

Најнови вести