Замина на позајмица само два и пол месеци пред трагедијата на Шапекоенсе, сега ќе биде главен адут на Рига против Шкендија (Фото)

Бразилецот Весли Ната ќе биде најголемата закана за одбраната на Шкендија на двомечот со Рига во квалификациите за пласман во Конференциската лига на Европа, што ќе се игра на 22 јули во Летонија и седум дена подоцна во Македонија.

Шпицот на Рига пред неполни пет години многу среќно ја избегна трагедијата на Шапекоенсе, по падот на авионот во којшто беше целата фудбалска експедиција на бразилскиот клуб.

На 28 ноември во 2016 година комплетната експедиција на Шапекоенсе патуваше кон Меделин на финалето против Атлетико Национал во Копа Судамерикана, а летот заврши со голема трагедија.

Авионот се урна во близина на Меделин и загина 71 патник од вкупно 77, меѓу нив и грото фудбалери на бразилскиот клуб.

Во тој период Весли беше член на популарниот Шапе, но само 70-тина дена порано, односно на 13 септември замина во Бахија како позајмен играч.

Потоа се врати во матичниот клуб во обидот да помогне во реконструкцијата на Шапекоенсе, гест што засекогаш ќе му го паметат навивачите на клубот.

Во Рига дојде лани, во септември, од таборот на бугарскиот тим Царско Село, а досега одигра 15 натпревари за летонскиот клуб.

Против Шкендија на двомечот на 22 и на 29 јули можно е Рига да има големо засилување, откако пред три дена потпиша договор со репрезентативецот на Косово, Бесар Халими.

Шкендија беше декласирана во двомечот со Мура во првото квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите, загуби во Скопје со 0:1 и потоа во Мурска Собота со 5:0, па ќе се обиде во новото натпреварување – Конференциската Лига на Европа.

Рига испадна во двомечот со Малме по поразот на гости од 0:1 и ремито дома од 1:1.

Победникот од двомечот меѓу Шкендија и Рига ќе мора да мине уште едно коло за да игра во фазата по групи во Конференциската лига.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести