Заврши монополот на Реал и Манчестер јунајтед, и со пораз на Ел Класико Барселона е највреден фудбалски бренд

Заврши монополот на дуото Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, два клуба што постојано во последните 16 години беа вреднувани како најскапи фудбалски брендови на планетата, а „Форбс“ објави дека сега приматот го има Барселона.

Шпанскиот гигант е проценет со сите параметри како највреден спортски бренд и е проценет на вкупна вредност од 4,76 милијарди долари.

Барселона има напредок од 18,8 проценти во вкупната вредност за последните две години и го симна вечниот ривал Реал Мадрид од врвот.

Кралскиот клуб е проценет на 4,75 милијарди долари, а со новата листа на „Форбс“ прекината им е доминацијата заедно со Манчестер јунајтед во последните 16 години.

Реал петпати беше на врвот, Црвените ѓаволи од Манчестер дури 11 пати беа лидери на реномираната листа на „Форбс“, а сега двата големи бренда се на втората и четвртата позиција.

Меѓу нив се смести актуелниот европски првак Баерн Минхен со проценета вредност од 4,215 милијарди долари, а зад Манчестер јунајтед, кој според „Форбс“ вреди 4,2 милијарди долари, е Ливерпул, како последен клуб во Топ-5.

Популарните Црвени од „Енфилд роуд“ моментно вредат 4,1 милијарди долари.

Доминацијата на англиските клубови е дополнета со позициите број 6, 7, 8 и 10 што им припаѓаат редоследно на Манчестер сити, Челзи, Арсенал и Тотенхем, а деветти е ПСЖ.

Јувентус е првата италијанска екипа на листата на „Форбс“ на 11-тото место со вредност од 1,95 милијарди долари. Ајакс како 20-ти е единствената екипа надвор од Топ-5 лигите меѓу дваесетте највредни фудбалски брендови со проценета вредност од 413 милиони долари.

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести