Заврши настапот на Индијан Велс за вториот носител

Австралискиот тенисер Џордан Томпсон го приреди најголемото изненадување на турнирот од серијата мастерс 1000 што се игра во Индијан Велс и во второто коло го елиминира вториот носител Стефанос Циципас.

Томпсон по 160 минути игра славеше со 2:1 во сетови и тоа со 7:6,4:6,7:6. Интересно е што во претходните два меѓусебни меча, Томпсон не успеа да освои ниту еден сет, а сега дојде до триумф. Во првиот сет, тој пропушти четири сет топки, но во тај-брејкот беше одличен и не му дозволи на Циципас да освои ниту еден поен.

Гркот се врати во вториот сет, направи еден брејк повеќе и го освои со 6:4. Голема борба имаше и во третиот сет во кој Циципас не ја искористи единствената брејк топка. Во тај-брејкот, успеа да освои поен на последниот сервис на Циципас и потоа да го заврши мечот.

Настапот во Индијан Велс заврши и за Денис Шаповалов и Матео Беретини. Шаповалов е елиминиран во два сета од Французинот Умбер, додека Беретини загуби од Јапонецот Даниел со 7:6,0:6,6:3.

Пласман во третото коло обезбедија фаворитите Данил Медведев, Андреј Рубљов, Френсис Тиафо, Александер Зверев.

Во женска конкуренција, фаворитките обезбедија пласман во следната рунда, Марија Сакари во три сета ја победи Американката Роџерс, Каролина Плишкова беше подобра од Русинката Калинскаја. Во два сета работата ја заврши Коко Гоф против Шпанката Букса.

- Оглас -

Најнови вести