Поранешниот прв човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ, би можел наскоро да стане новиот лидер на босанскиот фудбалски клуб Сараево, пренесува порталот „СОП“. Според нивните информации, Мамиќ веќе започнал преговори со актуелниот сопственик на клубот, Исмир Мирвиќ.
Извори блиски до клубот откриваат дека разговорите се во напредна фаза и дека наскоро може да се очекува официјална потврда за новиот сопственички договор. Планот на Мамиќ е да го преземе управувањето со клубот пред почетокот на летните подготовки.
Мамиќ зад себе има богата биографија со бројни успеси во хрватскиот шампион Динамо Загреб. Под негово водство, клубот не само што доминираше на домашната сцена, туку и оствари значителни приходи преку продажба на таленти како Лука Модриќ, Марсело Брозовиќ и Матео Ковачиќ. Сепак, беше осуден поради финансиски малверзации, па мораше да побегне од Хрватска во БиХ.
Неофицијално, се дознава дека Мамиќ има намера веднаш по преземањето да започне со темелна реконструкција на младинската школа на Сараево, со цел да се создаде платформа за развој на нови фудбалски бисери во регионот.