Ждрепката сакаше да има реприза меѓу Вардар и Барселона во полуфиналето

Вардар и Барселона е првиот полуфинален пар на Ф4 завршницата во Лигата на шампионите. На 1 и 2 јуни Келн повторно ќе ја вдоми црвено-црната фурија, а македонската гордост ќе се обиде по вторпат да се искачи на тронот на Европа.

Првата пречка воопшто не е лесна. Ни помалку, ни повеќе, Вардар ќе се соочи со првиот фаворит за освојување на трофејот. Барселона e деветкратен европски првак, јасно е дека фаворитската улога нив им припаѓа. Но, како што кажа Стоилов, oва е Вардар и не се плаши од никого.

Сите четири полуфиналисти се од групата А, што значи дека Вардар по два пати ги одмери силите и со Барселона и со Веспрем, а и со Кјелце. Против Каталонците сезонава Вардар во два наврати беше на страната на поразените. Првиот дуел во Скопје заврши со 26-30 во корист на избраниците на Чави Пасквал, додека во „Палау Блауграна“ Вардарци загубија со високи 34-26.

Вкупно 16 меѓусебни дуели бројат Вардар и Барса низ историјата во европските натпреварувања, а шпанскиот гигант има 13 победи против македонскиот првак. Само еден дуел завршил без победник, додека првиот триумф на Вардарци против Барса воедно беше и најсладок, за пласман во големото финале, во кое подоцна Вардар дојде до историската европска титула во 2017 година. Со конечни 27-24 гласеше последната победа на Вардар против Барселона, тоа беше во минатогодишниот шампионат во рамките од групната фаза.

Во 2017 година беше светско чудо кога Вардар ја елиминираше Барселона со погодокот на Лука Циндриќ во последната секунда од полуфиналето, па, нека биде пак така. Со поминување на потешкиот пат до европската круна, титулата ќе биде послатка од кога било.

Се потсетуваме: Погодокот на Циндриќ против Барселона за пласман во финалето на ЛШ (26-25)

 

- Оглас -

Најнови вести