Жените без Андонова однапред осудени на пораз против Австрија?

Женската фудбалска репрезентација на Австрија е голем фаворит во пресрет на дуелот од квалификациите за Европското првенство со Македонија на арената „Тоше Проески“ во 18 часот. Нашите девојки ветуваат борба до крај, но квалитетот е на страна на гостинките.

Селекторот Кирил Изов вели дека подготовките се одвиваа во најдобар ред и се надева на борба до крај, иако на овој натпревар нашата селекција ќе биде ослабена без капитенката Наташа Андонова и Романа Трајковска.

„Веќе неколку дена се подготвуваме во Скопје за претстојниот натпревар против Австрија. Нашата репрезентација е ослабена за овој дуел бидејќи не можеме да сметаме на капитенката Наташа Андонова поради повреда, а од таа причина ја немаме ниту Трајковска. Австријките се силна репрезентација, фаворити се, но се надевам дека ќе се бориме во текот на сите 90 минути“, вели селекторот Изов.

Во нашата група лидер е Австрија со 6 бода (два натпревари), Србија има 6 бода (три натпревари), Франција 3 бода (еден натпревар), Македонија 3 бода (три натпревари) и Казахстан без бодови (три натпревари).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести