Жезус го будеше Ристовски, дебаклот од Бенфика го разбуди и Марсел Кајзер

Разбуди се, беа првите зборови што ги научив на португалски од тренерот Жорге Жезус, вели Стефан Ристовски во интервјуто за португалски Спорт ТВ.

Нашиот репрезентативец ја раскажа својата приказна, за неочекуваното доаѓање во клубот од Лисабон, за пријателството со најскапиот играч на Спортинг, Бруно Фернандеш и за желбата да остане во клубот.

Неофицијално Спортинг му нуди да ја продолжи соработката, а десниот бек на португалскиот гигант и на македонската репрезентација изјави дека сака да остане што подолго на „Жозе Алваладе“.

„Жорге е добар тренер, но беше често многу нервозен. Во комуникацијата ми помагаа соиграчите, а најмногу Бруно Фернандеш. Ќе ми недостасува, бидејќи тој беше човекот што ми помогна многи. И ќе ми фали ручекот на негова сметка. Честопати се обложувавме во нешто, а Бруно најчесто губеше“, вели Ристовски.

Неговото отсуство од тимот поради санирање на повредата беше еден од клучните детали во високиот пораз од Бенфика во Суперкупот. Популарните „орли“ го добија градското дерби со 5:0, а Марсел Кајзер немаше вистинско решение на десната одбранбена позиција. Коатес и неговата замена Дијаби одиграа слабо, па Холанѓанецот веројатно сфати дека македонскиот репрезентативец е вистинскиот избор за место во првиот состав.

Спортинг ќе го почне новото првенство на Португалија на 11. август против Маритимо на гостински терен, а се очекува Ристовски да биде стартер, ако биде комплетно фит.

 

- Оглас -

Најнови вести