Жесус се подготвува да му парира на Порто – Кавани ќе биде новиот адут на Бенфика

Единсон Кавани по 13 години нема да игра во едно од Топ-5 првенствата во Европа, но сепак ќе настапува за клуб со огромно реноме на Стариот Континент.

Уругваецот си заминува од Пари Сен Жермен, а веќе ја прифатил понудата на Жорж Жесус да ѝ помогне на Бенфика и се очекува во следните два-три дена да потпише двегодишен договор со популарните Орли од Лисабон.

Кавани има 33 години и ќе биде еден од новите адути на Бенфика во обид да го врати приматот во Португалија што годинава го има Порто, кој е нов шампион.

Во редовите на најтрофејниот клуб во Португалија се врати тренерот Жорж Жесус, а тој инсистира Кавани да пристигне на „Луж“ и да игра за двојниот европски првак.

Бенфика има најмногу титули во земјата на европските прваци, вкупно 37, пред Порто со 29, а тие две екипи и буквално доминираат во последните 18 години, освојувајќи ги сите шампионски круни.

Кавани е долго во Европа и е еден од најдобрите напаѓачи скоро деценија и пол, а по стартот на кариерата во уругвајски Данубио, во 2007 година се пресели на Стариот Континент.

Играше за Палермо и Наполи во Серија А, а потоа во 2013 година се пресели во ПСЖ, чиј член беше досега. За популарните Светци од Париз одигра 200 натпревари и постигна неверојатни 138 голови.

 

- Оглас -

Најнови вести