Мачката Зизу со девет животи и 17 кралски трофеи

Зинедин Зидан повторно на чудесен начин се спасува од отказ и како мачка со 9 животи ќе продолжи да кормилари со кралскиот брод на Реал Мадрид, клубот кому му донесе 11 трофеи како тренер и уште шест како играч и е единствен на светот што трипати по ред од клупата во 2016, 2017 и 2018 година ги предводеше мадриѓани до пехарот во Лигата на шампионите.

МОДЕРНИОТ ФУДБАЛ Е НЕМИЛОСРДЕН – НЕ ПОМАГААТ ЛЕГЕНДИТЕ, НИТУ ТРОФЕИТЕ

Модерниот фудбал е многу немилосрден и честопати апсолутно нефер, па и со такво педигре и имиџ на еден од најдобрите играчи на сите времиња, Зидан беше речиси отпишан по поразите од Алавес и од Шахтар. Отказот веќе беше напишан, се чекаше само егзекуција и пораз во Севилја. Но, Зизу го искористи и вториот живот сезонава како тренер на Реал Мадрид и победи на „Рамон Санчес Писхуан“.

Првиот пат се спаси на волшебен начин со победа против Барселона на Ел Класико во седмото коло во Ла Лига. Пред мечот на „Камп ноу“, веќе беше отпишан, шансите за опстанок му беа минимални, а Зидан ја покажа величината и како тренер. Го победи вечниот ривал на брилијантен начин и направи голем пресврт. Од трагичар, пак стана херој за симпатизерите на Реал Мадрид, но и покажа дека сè пократко станува растојанието од амбисот до врвот во светот на модерниот фудбал.

Кај живата светска фудбалска легенда има од сè по малку, а најмногу екстра-квалитет и како играч и како тренер. Зидан никогаш не бараше благодарност за минатото, а му има дадено на Реал премногу, можеби и најмногу од сите кралски легенди комбинирано, како играч и како тренер.

За играчката кариера може да се каже дека беше бласкава, а Зидан има шест вреди пехари во кралската колекција со Реал Мадрид. Како тренер направи уште поголем подвиг, а првиот пат кога пристигна во 2016 година, веднаш го освои пехарот во Лигата на шампионите.

ВОЛШЕБНО ДВАПАТИ ГО МАТИРАШЕ ПЕРЕС, ЗА ТРЕТ ЖИВОТ МУ ТРЕБА ПОБЕДА ПРОТИВ ГЕРМАНЦИТЕ

Остана три сезони тренер на Кралскиот клуб и во сите три го доведе клубот до врвот на Европа со пехари во Лигата на шампионите. Неверојатна авантура за тренер почетник. Хет-трик во Лигата на шампионите како тренер нема никој во историјата на фудбалот, а Зидан успеа во најтешкото натпреварување на светот, и тоа на самиот почеток на новото поглавје во својата кариера.

Пехарот во ЛШ го освојуваше и како играч на Реал Мадрид, со клубот комбинирано како фудбалер и тренер освои неверојатни 17 трофеи, но модерниот фудбал не може да чека, се бараат успеси во секој момент, секоја сезона на секој меч.

И за легенда од калибарот на Зидан важат истите правила. Попуст нема, особено кај гигантите, а шанса за трет од деветте животи за популарниот Зизу е победа против Борусија Менхегладбах во среда.

Успех против Германците ќе значи и пласман на Кралевите во нокаут-фазата во Лигата на шампионите и сигурно продолжување на тренерската одисеја на Зидан во Мадрид до некој нов пад, што е неминовен, и до битка за нов живот, што фудбалскиот гигант волшебно ги бие против Флорентино Перес и неговите соработници од раководството на Реал Мадрид.

МУНДИЈАЛ – ИМА ЛИ ГРУПА ЗА МАКЕДОНСКИ СЕРИЈАЛ?

Спортските успеси се лек за сите маки, а тоа уште еднаш се потврди и кај нас со пласманот на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство што ќе се игра идната година.

Денеска повторно фудбалот и репрезентацијата на Македонија ќе ни бидат во фокусот, а на ред е ждрепката за Мундијалот во Катар.

Цирих во 18 часот ќе ги разреши сите дилеми, но и ќе ги продолжи македонските надежи во ново чудо и трет пласман на големо натпреварување по успешните европски одисеи на младата селекција во 2017 година на ЕП во Полска и на А селекцијата, што ја чекаме со настап во Букурешт и Амстердам во 2021 година.

Македонија ја чека ждрепката од четвртиот шешир, а варијатни има многу. Од Рафаел ван дер Варт, кој ни даде два гола и настапи на сите четири меѓусебни дуели што сме ги играле со Холандија, чекаме трета среќа, а тој заедно со Даниеле де Роси, кој ни беше гостин во Скопје со Италија во 2016 година, ќе бидат задолжени за извлекувањето во Цирих денеска од 18 часот.

Дотогаш можете да си комбинирате групи по избор, секој со своја желба и сите со надеж во нов подвиг на Македонија и трет настап на наша фудбалска селекција на големо натпреварување

 

- Оглас -

Најнови вести