Златан Ибрахимовиќ жестоко „боцка“ пред дербито во Лос Анџелес

Екипите на Лос Анџелес галакси и ФК Лос Анџелес в сабота наутро ќе играат меѓу себе во дербито на МЛС-лигата, а Златан Ибрахимовиќ, кој е главна ѕвезда на Галактичарите, почна да ја подгрева атмосферата пред соочувањето со лидерот на Западната конференција.

Лос Анџелес има 12 бода повеќе од ЛА галакси, но она што му пречи на Ибра е споредбата помеѓу него и Мексиканецот Карлос Вела, кој е најдобар стрелец во Лигата и игра за градскиот ривал.

„Колку години има тој, 29-30? И игра во МЛС. Па, јас на негови години бев во Европа, тоа е голема разлика. Се разбира дека јас сум многу подобар од него“, изјави Швеѓанецот со босанско потекло.

Ибра кога имаше 29 години, ги играше последните месеци во Милан, пред да се пресели во ПСЖ. Вела не сакаше да влегува во конфликт со 37-годишниот колега и за Ибра кажа само пофални зборови.

Сезонава во МЛС Вела има 19 гола на 19 меча, а Ибра даде 13 гола во 16 настапи.

- Оглас -

Најнови вести