Златко Далиќ добил понуда да седне на клупата на четирикратниот европски првак

Селекторот на фудбалската репрезентација на Хрватска, Златко Далиќ добил понуда од холандскиот гигант Ајакс. Четирикратниот европски првак остана без тренер откако Алфред Шрудер доби отказ.

Популарните Копјаници од Амстердам се во лоша серија од 7 меча без победа, низа што ја немале од далечната 1965 година, па беше јасно дека ќе се бара нова опција за кормилар.

Далиќ веќе шест години е на чело на Коцкестите предводејќи ги до два медали на Светските првенства. На Мундијалот во Русија во 2018 година, Хрватска играше во финалето против Франција (загуби со 4:2), а пред неколку месеци Далиќ го предводеше националниот тим до третото место, откако во последниот меч со 2:1 го победи Мароко.

Хрватскиот стратег има активен договор со Хрватска до 2024 година и засега не се знае неговиот одговор на понудата од Ајакс, но тешко дека ќе се одлучи да замине од позицијата во која доби светска слава.

Од клупската кариера, Далиќ бил тренер на Вартекс, Риека, Динамо Тирана, Славен Белупо, Ал-Фаисли, Ал-Хилал и Ал-Аин. Доколку прифати да го води Ајакс, тоа сигурно ќе му биде врвот на неговата клупска тренерска кариера.

- Оглас -

Најнови вести