„Златната копачка“ Имобиле: Јас би гласал за Левандовски да биде фудбалер на годината

Чиро Имобиле, напаѓачот на Лацио и италијанската репрезентација, смета дека иако тој ја доби Златната копачка за најдобар стрелец во Европа, фудбалер на годината треба да биде Роберт Левандовски од Баерн Минхен.

Имобиле со 36 гола во Серија А го победи Левандовски (34-та во Бундеслигата) во трката за Златната копачка, но Чиро имаше и четири меча повеќе од Полјакот.

„Роберт секогаш ми бил за пример. Кога се зборува за најдобри напаѓачи на светот, се зборува за Левандовски, Суарес и Бензема. Среќен сум што ме споредуваат со нив. Јас мојот глас за играч на годината би му го дал на Левандовски“, изјави Имобиле за германски „Билд“.

Имобиле во минатото играше и за Борусија Дортмунд, но не беше успешен како сега.

„Мислам дека во Борусија заминав во погрешно време. Клубот беше првак со Клоп во 2011 и 2012 година, па двапати беше втор и можеби снемаа амбиции. Тимот падна во долниот дел на табелата и странците и младите играчи беа ставени во втор план. Не мислам дека Клоп не виде квалитет во мене, туку во тие тешки времиња имаше поголема доверба во играчите кои подолго време ги познаваше и на кои се потпирал и во минатото“, објаснува Имобиле.

- Оглас -

Најнови вести