Знае ли Меси каде отиде? Интер Мајами е најслаб тим на Истокот, познато е кога може да дебитира

Како 13-годишно момче, Лионел Меси реши да замине од Аргентина и пристигна во Европа, во школата на Барселона. Од тој момент, досега поминаа 23 години во кои Меси кариерата ја развиваше во Европа. Повеќе од две децении беше дел од каталонскиот гигант, а последните две години играше во дресот на Пари Сен Жермен.

По завршување на договорот со ПСЖ, Меси стана слободен играч, а денеска и официјално е потврдено дека решил да потпише за Интер Мајами во САД. Тоа значи дека по 23 години поминати во Европа, Меси ќе се пресели во Америка.

Интер Мајами е клуб на некогашната англиска фудбалска суперѕвезда Дејвид Бекам, што значи дека Меси доаѓа кај реномиран газда. Сепак, ако се гледаат резултатите на Интер Мајами во тековната сезона, тоа е слаб клуб.

По 16 одиграни кола, Интер Мајами е на последното место во Источната конференција само со 15 бода, односно пет победи и дури 11 порази. Интер е во криза и има пет порази по ред, што значи дека Меси ќе има тешка задача да го одведе клубот на победнички патеки.

Не се знае кога точно Меси ќе пристигне во Мајами, а претпоставките се дека дебито во новиот клуб може да го има на 21 јули, кога Интер на свој терен игра против мексиканскиот Круз Азул во Лига купот.

Првенството во САД се игра до октомври, што значи дека има барем уште половина од сезоната. Меси би имал малку повеќе од еден месец одмор, а потоа ќе се подготви и ќе му се приклучи на новиот клуб во сезоната која е во тек.

- Оглас -

Најнови вести