Зоран Чоко Бошковски: Македонија живееше за фудбал, време е за нова еуфорија

Зоран Чоко Бошковски ќе биде едно од познатите лица, кои задутре пред мечот со Лихтенштајн во Лигата на Нации ќе продефилираат на националната арена во Скопје, при одбележувањето на убавиот јубилеј. Ќе одбележиме 25 години од првиот меч на македонската фудбалска репрезентација. На 13. октомври 1993 година ја декласиравме Словенија со 4:1 во Крањ, а нашиот Чоко беше стрелец на првиот гол за Македонија.

„Владееше некаква еуфорија, некаква убава атмосфера и во репрезентацијата и околу неа. Не може да се опише со зборови, тоа треба да се доживее. Бевме сигурни дека ќе ја победиме Словенија, излеговме на терен и го декласиравме противникот. Имаше многу Македонци на трибините, по моја проценка 4-5 илајди. Навиваа погласно и повеќе од домаќините, што ни даде дополнителен мотив. Акцијата по која Дарко Панчев ми асистираше за голот не се заборава. Низ глава во момент ми мина мислата `Еј јас сум стрелец на историскиот гол за Македонија`. Имавме неверојатно добра генерација на играчи со Дарко, Најдоски, Јаневски, Канатларовски, Бабунски… и да не заборавам некого. Штета што неколкумина од нив веќе беа во залез на кариерата, верувам дека можевме да постигнеме многу повеќе“, се потсети за СПОРТ МАНИЈА Бошковски, на историските моменти од Крањ.

Словенците беа преслушани на терен, а потоа на ред беа големите дуели со тогашниот европски првак Данска, со Белгија, Шпанија, Кипар…

„Данците го играа првиот меч како актуелни европски прваци со нас во Скопје. Кога ќе погледнев кон трибините мислев дека ќе се урнат. Мислам дека стадионот никогаш не бил пополн. Атмосферата беше бразилска и на такви мечеви, со таква поддршка едноставно не можеш да не дадеш се од себе. Бевме рамноправни со Данците и не им дозволивме да победат, иако веројатно мислеа дека тоа лесно ќе го сторат. Потоа следеа дуелите со Белгија, со Шпанија… Тоа беа натпревари за незаборав. Се сеќавам дека бевме во карантин во хотел во центарот на Скопје. Кога ќе излезевме на прошетка ни приоаѓаа луѓе и не бодреа `Ајде момци Македонци само храбро`. Се живееше за фудбал, едвај чекавме да играме за репрезентацијата“, додава Чоко.

Љубителите на фудбалот кај нас се уште чекаат голем резултат на А селекцијата и прв настап на ЕП, или СП.

Бошковски како помошник на селекторот Бобан Бабунски во младата селекција, во периодот од 2009 до 2014 година ги имаше на „радарот“ поголемиот дел од сегашните репрезентативци. Има нешто и од неговото искуство и знаење во развојот на кариерите на Стефан Ристовски, Кире Ристевски, Стефан Спировски, Ферхан Хасани, Илија Несторовски, Александар Трајковски… и помладите Николов, Зајков, Муслиу, Бејтулаи, Велковски…

„Поголемиот дел од сегашните репрезентативци одлично ги познавам, бидејќи беа дел од младата репрезентација. Се радувам што се во позиција да атакуваат сериозно на пласман на Европското првенство во 2020 година. Лигата на Нации е голема шанса за нас, бидејќи преку редовните квалификации тешко се пробива патот до големо натпреварување. Штета што нема повеќе публика, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка. Сум соработувал со нив и знам дека имаат голем потенцијал и одлични фудбалски квалитети. Очекувам да не израдуваат со пласман на ЕП и ја повикувам публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри“, заврши стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација.

- Оглас -

Најнови вести