Зверев конечно ќе игра полуфинале на Гренд слем – Со пресврт го елиминира шампионот од 2014

Александр Зверев за првпат ќе игра полуфинале на Гренд слем турнир по победата против Станислас Вавринка со 3:1 во сетови на Отвореното првенство во Австралија.

Германецот има 22 години, а е рангиран како седми носител на турнирот и беше фаворит против шампионот од 2014 година. Вавринка почна подобро и поведе со 1:0 и тоа експресно, откако го доби првиот сет со 6:1.

„Според тоа како одиграв во првиот сет, бев подготвен за пораз и брза прес-конференција, на која ќе се правдав за неуспехот. За среќа, успеав да направам пресврт“, се пошегува Зверев.

Во продолжението играше многу подобро и загуби само 9 гема за блескав триумф од 1:6, 6:3, 6:4, 6:2. Германецот сега има биланс од 3-0 во победи против Вавринка, но во полуфиналето сигурно ќе игра против тенисер со кого има негативен ефект.

Против Рафаел Надал има само една победа во шест меча, а и со Доминик Тим не стои добро и има биланс од 2-6. Последното четврт-финале меѓу Шпанецот и Австриецот ќе се игра од 9.30 часот.

Кај дамите се комплетираа полуфиналните двојки, а меѓу себе ќе играат Симона Халеп и Гарбиње Мугуруса, по денешните победи во два сета против Контавејт, односно Пављученкова.

Халеп со 6:1, 6:1 ја декласира Естонката Контавејт, а малку потешко во полуфиналето со победа од 7:5, 6:3 против Русинката Пављученкова во квартетот најдобри во Мелбурн се најде Мугуруса.

Интересно е што и Халеп и Мугуруса имаат по две Гренд слем титули од истите турнири, на Ролан Гарос и на Вимблдон, па сега имаат шанса да бијат битка за трета титула на четирите најценети тениски турнири.

Во второто полуфинале ќе играат Софија Кенин и Ешли Барти.

 

- Оглас -

Најнови вести