Зверев е болен веќе два месеца и не се знае кога повторно ќе игра

Александар Зверев се повлече од турнирот во Пекинг, а како причина за откажувањето германскиот тенисер наведе дека е болен. Зверев вели дека веќе два месеца е болен и дека има воспаление на градите. Токму оваа негова состојба е главна причина за физичките проблеми кои ги има во последно време.

„За жал, констатирано ми е дека имам воспаление на белите дробови и не знам кога повторно ќе можам да играм. Оваа ситуација ги објаснува моите физички проблеми кои ги имав во последните неколку месеци. Мора да внимавам на моето здравје за да можам да се вратам на теренот во најкус можен период“, објасни Зверев.

Германецот вели дека проблемите започнале веднаш по завршување на Вимблдон, односно кога бил на турнирот во Хамбург. На овој турнир Зверев играше во финалето, кое го загуби. Потоа на Олимписките игри стигна до четвртфиналето, а на Мастерсот во Канада повторно застана во четвртфиналето.

На турнирот во Синсинати стигна до полуфиналето, додека на Отвореното првенство на САД негов краен дострел беше четвртфиналето. Изминатиот викенд играше два меча во сингл на Лејвер купот.

„Уште во Хамбург сфатив дека нешто не е во ред. Многу брзо се заморував. Моите тренинзи во Париз воопшто немаа интензитет“, објасни Зверев, кој рече дека е неизвесно дали ќе може да настапи на Мастерсот во Шангај кој на програмата е од 2 до 13 октомври.

- Оглас -

Најнови вести