Раководството на Манчестер јунајтед ја одреди ѕвездата на Нотингам форест, Елиот Андерсон, како главна цел за летниот трансфер-прозорец. Фудбалерот е посакуван и од Манчестер сити, но, како што тврдат англиските медиуми, од Јунајтед се подготвени да вложат дополнителни напори за да го доведат пред нивниот градски ривал.
Андерсон има договор со Нотингам форест до 2029 година, но на „Сити граунд“ постои взаемно разбирање дека ќе биде продаден ова лето. Интересен факт е дека Андерсон е застапуван од истата менаџерска агенција со играчот за врска на Јунајтед, Коби Мејну, кој наскоро треба да потпише нов договор.
Раководството на Црвените ѓаволи ова лето планира да ангажира двајца фудбалери од средниот ред. Меѓу играчите од Премиер лигата кои ги следат се: Елиот Андерсон, Адам Вортон, Сандро Тонали, Карлос Балеба и Алекс Скот.

