Атомски фудбал – Манчестер сити има предност ама никој не може да го отпише Реал Мадрид

Фантастичен фудбалски меч на „Етихад“ и предност од 4:3 за Манчестер сити по првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите против Реал Мадрид.

Домаќините имаа предност уште по 93 секунди, откако Кевин де Бројне постигна гол со глава, а потоа следуваше и голот на Габриел Жесус во 11-тата минута, по којшто се чинеше дека следува „потоп“ на Реал.

Но, по којзнае којпат оваа сезона, на сцена стапи Карим Бензема, кој најпрвин погоди во 33-тата минута. На стартот од вториот дел, Фил Фоден донесе нова радост за домаќините, а дека и двата тима имаат фантастични таленти, покажа Винисиус Жуниор, кој само неколку мигови подоцна пак намали на 3:2.

Одлично фудбалско чуство имаше главниот арбитер Истван Ковач од Романија, којшто даде предност откако имаше фаул на играч на Манчестер сити, но топката дојде до Бернардо Силва, кој стрелаше во 74-тата минута.

И повторно Карим Бензема, кој со паненка го даде вториот гол вечерва, и тоа во 600-тиот натпревар во дресот на Реал Мадрид, а со тоа беа поставени конечните 4:3.

Реваншот во Мадрид се игра за осум дена, каде што исто така се надеваме на сличен меч како и овој.

- Оглас -

Најнови вести