Агентот Рибеиро најавува: Попрво Меси и Роналдо ќе одат во ПСЖ отколку Нејмар во Барса

Агентот Вагнер Рибеиро кој посредуваше при трансферот на Нејмар во ПСЖ, изјави дека во моментов поголеми се шансите Лионел Меси да направи трансфер во ПСЖ отколку Нејмар да се врати во Барса. Рибеиро додава дека не треба да се потценуваат сопствениците на ПСЖ и дека можно е дури да тргнат и по потписите на Меси и на Кристијано Роналдо, со што парискиот тим би имал вистински „дрим тим“.

По состанокот на Меси со новиот тренер Роналд Куман, на кој најдобриот играч во историјата на Барса му рекол на Холанѓанецот дека поголеми се шансите да си оди отколку да остане, има еден куп шпекулации каде Меси би можел да ја продолжи кариерата.

Меси можеби сака да си оди од клубот во кој се прослави и ја мина целата кариера, но заминувањето нема да биде толку лесно. Клубот не сака да се откаже од него, а Меси има и договор уште една сезона. Секој што ќе сака да го купи, ќе треба да издвои голема сума пари за отштета и плата.

ПСЖ, Манчестер сити и Интер се спомнуваат како фаворити за потписот на Меси ако 33-годишниот Аргентинец дефинитивно реши да преземе нов чекор во кариерата. Во Сити тој повторно би соработувал со Пеп Гвардиола, во ПСЖ би имале атомски напад со другар му Нејмар и со најдобриот млад играч на светот Мбапе, ама и Интер не е за потценување бидејќи сопругата на Меси би сакала да живее во Милано, татко му на Меси веќе купи куќа во градот на модата и плус Меси би играл со Лаутаро Мартинес, кого го бараше во Барса.

- Оглас -

Најнови вести